Божинов: Враца е како Њујорк

Бугарскиот фудбалер Валери Божинов беше претставен како големо засилување за Ботев од Враца, а тој во негов стил, даде изјава која предизвика внимание во медиумите кај нашиот источен сосед.

Поранешниот фудбалер на Јувентус и на Манчестер сити вели дека Враца е како Њујорк во споредба со кинескиот град каде што играл, а ја критикуваше и Риека.

„За мене најважно е да играм, да се чувстувам како фудбалер. Во Риека не се чувствував фудбалер бидејќи не играв постојано. Имам 32 години, желбата ми беше да играм повеќе. Им благодарам на луѓето и на градоначалникот на Враца, тие се најзаслужни што сум тука. Ништо не е срамно, не мислам дека ова ми е чекор назад. Тука сум да му помогнам на тимот до зима да собере што е можно повеќе бодови “, рече Божинов.

Потоа Божинов продолжи во свој стил, фалејќи го градот кој има 60.000 жители.

„Во Кина бев во град со еден и пол милиони жители, но во Враца ми е како во Њујорк. Во Бугарија има убави градови и не можам да плукам во татковината. Јас не сум роден како цар, па да не можам да живеам во Враца. Овој град е убав и мирен“, додаде Божинов, кој во минатото тврдеше дека во родната земја би играл само за Левски.

- Оглас -

Најнови вести