Давитков: Конечните плус 14 се реални

Селекторот Јорданчо Давитков и плејот Александар Костоски, беа задоволни од победата и на прес-конференцијата ја истакнаа важноста на вечерашниот триумф над Романија.

„Почнавме бавно, но сакавме да победиме. Романците дадоа силен отпор, но во вториот дел ја наметнавме нашата игра и предноста ја задржавме. Важно е што победивме со двоцифрена разлика. Овие 14 разлика се солидни, мислам дека сме доволно добри за да не загубиме повеќе во Романија. Се надевам дека дома со Косово ќе ја оправдаме фаворитската улога“ – рече Костоски.

„Тежок меч. Најтешко се добиваат вакви однапред добиени мечеви. Се создаде атмосфера дека треба само да се појавиме на терен и ќе победиме. Почнавме млако, но потоа се разбудивме и заигравме подобро. Имавме проблем со нивниот офанзивен скок во првото полувреме, не затворавме како што треба. Во вториот дел им го затворивме тој елемент, но погодија некои шутеви. Цело време имавме контрола, беше 10 до 16 разлика, реални се овие конечни 14 разлика. Играчите не се целосно подготвени, мораше да се калкулира со силите. Задоволен сум од постигнатото во септември, извадивме максимум, ни помогна и Хендрикс колку што можеше. На добар пат сме да се вратиме во тие 32 што ќе играат квалификации, после ќе ни биде многу полесно“ – изјави Давитков.

„Свесни сме дека е далеку од готово. Косово воопшто не е слаб, треба да ги победиме тука, бидејќи во последно коло играат Косово и Романија, и може на Косово да не му значи ништо. Ние сакаме сами да си ја завршиме работата и да не чекаме. Сакаме да завршиме со 4 победи“ – додаде Давитков.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести