Хантукова смета дека тандемот Ѓоковиќ-Вајда е непобедлив

Поранешната тенисерка Даниела Хантукова, тврди дека Новак Ѓоковиќ под палката на словачкиот тренер Марјан Вајда, може да го престигне Роџер Федерер по бројот на гренд-слем трофеи. Ѓоковиќ сега има 14 пехари од најголемите четири турнири на светот, а рекордерот Федерер има 20.

За да го стигне Федерер, Новак прво треба да се искачи на второто место на кое седи Рафаел Надал со 17 гренд-слема.

Хантукова го знае системот на работа на сонародникот Вајда, и ако тој седи во боксот на Ѓоковиќ уште подолго време, Србинот може да смета на титули и во иднина.

„Додека Новак е под надзор на Вајда, ќе биде добар. Го делам мислењето на Грег Руседски дека не гледам кој би го победил Ѓоковиќ оваа, и особено наредната година. Тој се врати на своето најдобро ниво, и можеби звучи претерано, но додека е Марјан покрај него, тој ќе доминира. Сигурна сум дека после САД опен, тој од утредента размислувал како да го подготви Ѓоковиќ за наредниот период, и нема да биде изненадување ако до крајот на 2018, се врати на првото место на АТП“ – порача Хантукова, која некогаш беше и петта тенисерка на ВТА листата.

Наредниот настап на популарниот Ноле е на Род Лејвер купот во Чикаго од 21 до 23 септември, а потоа ќе се појави во Шангај, Виена, Мастерсот во Париз и завршниот турнир во ноември.

- Оглас -

Најнови вести