Македонија прими два гола во 90-тата минута и не ја победи Ерменија

Македонската репрезентација за играчи до 21 година направи од готово вересија. На дуелот против Ерменија имаше предност од 3-1, но прими два гола во 90-тата минута и на крајот мечот заврши 3-3.

По ова реми, македонските надежи останаа на петтото место во Групата 7 само со една победа од 8 меча и само четири освоени бода, без никакви шанси да се надева за пласман на Европското првенство 2019 година.

Јани Атанасов во 26-тата минута донесе предност на Македонија, што беше и единствен гол во првите 45 минути. Вториот дел беше вистинско гол-шоу. Најпрво Аветисјан погоди од пенал во 56-тата минута и израмни на 1-1. Во 73-тата минута беше досуден пенал и за Македонија, кој го реализираше Здравковски за водство од 2-1.

Во 88-мата минута во игра влезе Дарко Чурлинов, што се покажа како добар потег. Точно 20 секунди откако влезе во игра, Чурлинов даде гол за 3-1. Кога сите мислеа дека предноста од два гола на две минути до крајот ќе биде доволна за победа, Ерменците приредија изненадување.

Во 90-тата минута Амановиќ си даде автогол, а во третата минута од судиското надополнување Аветисјан со својот втор погодок на мечот израмни на 3-3.

- Оглас -

Најнови вести