Подобро да играше, отколку да навива

Најдоброрангираниот тенисер на светот, Рафаел Надал, не е во составот на шпанската репрезентација за мечевите од полуфиналето на Дејвис купот против Франција, но објави фотографија на која гледа како неговите колеги играат и вели дека е навивач број 1 на „црвената фурија“.

Но, од тоа што Рафа навива пред телевизор, Шпанија нема голема полза. Шпанците во Лил губат со 0-2, а традицијата вели дека никогаш не успеале да победат после таква негатива.

Надал го повреди коленото во полуфиналето на САД опен, кога го предаде мечот со Хуан Мартин Дел Потро. Враќањето на теренот се очекува на азиската турнеја, каде лани победуваше и ќе треба да брани 1.100 поени во Пекинг и 1.000 на Мастерсот во Шангај.

Роберто Баутиста и Пабло Карењо не се на нивото на Надал, и денеска од 14 часот кога почна дуелот во двојки, Шпанците и официјално може да останат без финалето. Во другото полуфинале, Хрватска води со 2-0 против САД.

- Оглас -

Најнови вести