Полесно за Македонија, Ерменците останаа без селектор

Македонија ќе има полесна задача да стаса до првото место во четвртата група од Д сегментот во Лигата на Нации, по неочекуваниот развој на настаните во ерменскиот табор.

Селекторот на нашиот најголем ривал за првото место, Вардан Минасјан си поднесе оставка. Поразот во Скопје од 0:2 и лошата игра беа причини за заминувањето на Минасјан.

„Очекував подобри резултати, но тоа не се случи и одлучив да си заминам. И посакувам многу среќа и подобри резултати на Ерменија во продолжението од натпреварите во Лигата на Нации и во квалификациите за Европското првенство“, изјави Минасјан.

Интересно е што тој долго беше во преговори со челниците на Федерацијата за да се врати на селекторската позиција, а ја водеше Ерменија од клупата на само два натпревари. Ерменија со Минсјан како кормилар го победи Лихтенштајн со 2:1 и загуби од Македонија со 0:2 на гости. Си поднесе оставка по притисокот на ерменската фудбалска јавност, а најмногу забелешки имаше на неговите тактички грешки во Скопје.

Најпрво Минасјан ги изостави двајцата одлични играчи родени надвор од Ерменија, Норберто Бријаско од аргентинскиот Хуракан и „Колумбиецот“ Жорди Монрој од Бојака Чико.

Патем, Минсајан утна и со оставањето на клупа на Озбилиз и Пицели, двајца стандардни репрезентативци, па поразот од Македонија беше неминовен.

Во текот на следната недела ќе биде именуван новиот селектор на Ерменија, а ќе ја предводи селекцијата на дуелот со Гибралтар во Ереван на 13. октомври.

- Оглас -

Најнови вести