Шампионот им покажа заби на „волчицата“ и на конкурентите

Реал Мадрид со победа над Рома ја почна одбраната на титулата во Лигата на шампионите и покажа дека и сезонава, во која според многумина е ослабен, ќе има што да каже во натпреварувањето кое го освојуваше во претходните три години.

Герет Бејл има постигнато 10 гола во последните 10 натпревари за Реал, Иско даде гол од слободен удар, кој ќе конкурира за најубав во првото коло, иако во живиот ѕид на Рома беа играчи високи 190 или повеќе сантиметри, а убав гол на дебито сезонава постигна Маријано Дијаз, кој ќе му биде конкуренција на Карим Бензема.

Навивачите на Реал пред мечот му дадоа гласни овации на Гркот Костас Манолас, човекот кој во минатата сезона ја елиминираше Барселона постигнувајќи го третиот гол за Рома во победата од 3-0. Утеха за Рома е што другите два тима во оваа група одиграа нерешено.

Мадридските фанови, кои се сеирџиски настроени, може да се радуваат што Кристијано Роналдо доби црвен картон, нешто што не му се случи во ЛШ додека го носеше дресот на Реал. Јуве и без исклучениот Роналдо славеше кај Валенсија, со пеналите на Миралем Пјаниќ. Роналдо во кариерата добил 11 црвени картони. Ако УЕФА го казни со два меча неиграње, Португалецот нема да може да настапи на гостувањето кај неговиот ексклуб Манчестер јунајтед.

Манчестер сити имаше 7 победи и 1 реми на претходните осум домашни мечеви во групната фаза, но вечерва беше шокиран од Лион. „Граѓаните“ имаа големи амбиции, но составот на Пеп Гвардиола во првото коло не покажа дека е кадарен да го нападне европскиот врв. Гвардиола не беше на клупата, туку на трибините бидејќи одработи суспензија.

Резултати: Ајакс – АЕК 3-0, Шахтар – Хофенхајм 2-2, Бенфика – Баерн 0-2, Манчестер сити – Лион 0-1, П’лзењ – ЦСКА 2-2, Реал Мадрид – Рома 3-0, Валенсија – Јувентус 0-2, Јанг бојс – Манчестер јунајтед 0-3.

- Оглас -

Најнови вести