Вардар единствен тим во ЛШ и СЕХА со жена во стручниот штаб

Поранешната ракометна репрезентативка Билјана Црвенковска ќе биде новиот помошник на Роберто Гарсија Парондо на клупата на РК Вардар. Црвенковска и досега работеше во клубот, но беше заменик-директор. Со оваа промоција на Црвенковска во стручниот штаб на Вардар, „црвено-црните“ ќе бидат единствен тим во СЕХА-лигата, но и во Лигата на шампионите со жена на клупата во стручниот тим.

„Среќна сум за шансата што ја добивам и навистина се чувствувам почестена што ќе бидам дел од стручниот штаб на Вардар, односно помошник на тренерот Роберто Парондо. Ова е ново искуство и голем предизвик за мене. Ќе дадам сѐ од себе максимално да им помогнам на стручниот штаб и на целиот тим. Веќе неколку години сум дел од екипата на Вардар, со нив присуствувам на сите домашни натпревари, како и на повеќе гостувања. Знам како функционира тимот, се познаваме добро и очекувам соработка каква што имав и досега“, изјави Црвенковска.

Како играч, таа има настапувано за тимот на Кометал Ѓорче Петров во периодот од 2001 до 2008 година. Шест сезони беше дел од екипите на Ускудеа (Турција) и Салерно (Италија). Од 2012 до 2014 година играше за Вардар и беше дел од тимот што првпат настапи на Ф4 турнирот во Будимпешта.

Во својата 13-годишна репрезентативна кариера има настапувано на три СП и три ЕП во периодот од 2001 до 2014. Во 2008 година го постигна најголемиот успех на репрезентативно ниво со седмото место на сениорското ЕП.

- Оглас -

Најнови вести