Вардар продолжи „да му ја вади душата“ на Кристијанштад

Седмата победа за Вардар во седмиот меѓусебен дуел со Кристијанштад, докажа дека шведскиот тим е една од најомилените „жртви“ на македонскиот ракометен гигант. Резултатот од 33:25 (полувреме 19:10), покажува дека имаше разлика во квалитет. За Вардар, ова е втора победа во вториот меч од групата А во ЛШ.

Вардарци за првпат сезонава играа меч од Лигата на шампионите во „Јане Сандански“, и беа мотивирани да ја израдуваат публиката која во оваа пригода дојде во помал број од вообичаеното. „Црвено-црните“ одиграа спектакуларно прво полувреме, кое го добија со девет гола разлика, и најавија дека и по седми пат по ред ќе го совладаат Кристијанштад. Продолжи традицијата и кога овие два тима играат во Скопје, Вардар да дава повеќе од 30 гола.

Потоа, во вторите 30 минути Вардар немаше потреба да форсира и рутински го приведе мечот кон крај, славејќи убедлив триумф, притоа чувајќи ги силите за наредните предизвици.

Најдобри поединци кои се истакнаа во редовите на Вардар беа Иван Чупиќ со 7 гола од осум шута и Вуко Борозан со 5 гола од седум обиди. Тимур Дибиров упати четири шута и даде 4 гола. Вардарци ги реализираа сите девет седмерци.

Инаку, гостин на вардарци беше 12-годишниот Марко Пејчиноски, кој неодамна го преплива Охридското езеро, и од клубот му ја исполнија желбата тој лично да се запознае со Стојанче Стоилов, повредениот капитен на Вардар.

Следниот меч на Вардар во најсилното натпреварување е тешкото гостување кај унгарски Веспрем на 29 септември.

- Оглас -

Најнови вести