Градскиот стадион во Штип во ново руво, ФФМ очекува да се играат и натпревари на репрезентацијата

Градскиот стадион во Штип ќе има ново руво и за една година ќе добие целосно нова западна трибина со капацитет од 2.400 места и со поттрибински простори.

Раководството на Фудбалската федерација на Македонија предводено од претседателот Муамед Сејдини и потпретседателот Лазар Ракиџиев го потпишаа договорот за изградба на западната трибина на Градскиот стадион и реконструкција на стадионот во Штип со в.д. градоначалникот на општина Штип, Јане Миланов.

Во претходно претставениот основен проект за новата западна трибина на стадионот во Штип, финансиран од Фудбалската федерација на Македонија преку програмата „Хет-Трик 5“ на УЕФА, предвидено е западната трибина, која целосно е обврска на ФФМ, да има капацитет од 2.400 места за седење, ВИП ложа, простор за медиуми и за лица со инвалидитет, а во поттрибинскиот простор соблекувални и простории за службени лица по стандардите на УЕФА и ФИФА.

„Преку овој проект, новиот стадион во Штип нѐ само што ќе стане вистински фудбалски дом за штипската гордост, ФК Брегалница, туку би бил прилика и за македонската репрезентација да биде домаќин на важни квалификациски натпревари“, велат од ФФМ.

Договорот што денеска беше потпишан ги содржи меѓусебните права и обврски помеѓу договорените страни, односно ФФМ и Општина Штип.

„Плановите на Фудбалската федерација на Македонија се насочени кон подобрување на условите на стадионите во нашата држава со цел натпреварувачката сезона 2021/22 клубовите од МФЛ да ја дочекаат на реконструирани стадиони, со што фудбалерите би добиле максимални услови за игра, а гледачите на стадионите и тие покрај малите екрани уживање во фудбалот. Во таа насока, ФФМ преку „Хет-Трик 5“ програмата ја финансираше и целосно ја заврши изградбата на новата трибина на стадионот во Чаир, а во финална фаза е изградбата на новата трибина и на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, дополнуваат од ФФМ.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести