Македонија ја започнува мисијата наречена Исланд

Македонската ракометна репрезентација денеска го имаше првиот собир пред двата меча против Исланд, во квалификациите за пласман на завршницата на Европското првенство. Нашите најдобри ракометари ги очекуваат два меча против добро познатиот ривал, Исланд. Тоа е селекцијата која е и лидер во групата, каде што се уште и Грција и Турција. Првопласираните две репрезентации ќе обезбедат место на континенталниот собир.

Капитенот Кирил Лазаров е подготвен за беспоштедна борба против тешкиот ривал, но верува дека може да се оствари зацртаното, а тоа е пласман на ЕП.

„Репрезентацијата горе-долу е иста. Добро се познаваме, воиграни сме и иако имаме нов селектор, мислам дека нема да има големи промени. Најважно е да изградиме победнички менталитет, посебно за младите. Исланд е една од најсилните репрезентации во Европа, но и ние имаме квалитет. Свесни сме дека мора да одиграме одлично ако сакаме да оствариме добар резултат. Против Исланд сме одиграле многу мечеви, добро се познаваме. Сме ги победувале, но и сме губеле мечеви од нив. Ако успееме да освоиме еден бод, тоа ќе биде голем чекор напред во нашата цел, а тоа е пласман на ЕП“, рече Лазаров.

Македонија задутре гостува кај Исланд, а четири дена подоцна, односно в недела (14 април), во Скопје ќе го пречека истиот ривал.

- Оглас -

Најнови вести