90 секунди што даваат надеж – Данците научно докажаа дека може да се игра фудбал

Тројца експерти од различни области предводени од професорот Томас Андерсен на Универзитетот во данскиот град Орхус научно докажаа дека фудбал може да се игра и во услови на пандемија со Коронавирус и дека можноста фудбалерите да се заразат еден од друг е минимална.

Студијата е базирана на анализа на 14 натпревари од данската Суперлига, а надеж дека наскоро ќе има фудбал даваат понудените аргументи.

„Еден фудбалер минува просечно 90 секунди на терен во близина на друг играч, па дури и тој да е заразен со Ковид-19 минимален е ризикот да ја пренесе заразата“ вели професорот Андерсен, кој е член на Министерството за здравство на Данска.

Токму оттаму доаѓа и препораката да се држи социјална дистанца од најмалку два метри и тоа најмалку 15 минути, откако е можно да се посомневате дека во близина има заразен од Коронавирус.

„Тоа ни покажува дека ризикот е минимален да се заразите со Ковид-19 на фудбалски терен“, вели Алан Томсен, кој е имунолог и професор на Универзитетот во Копенхаген во одделот за Имунологија и Микробиологија.

Секако триото угледни професори препорачуваат да се почитуваат протоколите во услови на пандемија со Ковид-19, но според нив фудбал може да се игра.

Данците планираат да ја продолжат сезоната во периодот од 24. до 31. мај, односно во финишот на идниот месец.

Во Суперлигата на оваа земја треба да се доиграат уште две кола од регуларниот дел на првенството, а потоа се очекуваат плејофот за титулата и плејаутот за опстанок.

- Оглас -

Најнови вести