Двајца пилоти со презимето Шумахер ќе се натпреваруваат во претстојниов викенд, кога Формула 1 карванот ќе се пресели во Сочи, за Големата награда на Русија. Братучедите Шумахер ќе се тркаат во пониските класи, поточно Формула 2 и Формула 3.
Синот на Михаел Шумахер, Мик, се натпреварува во Формула 2, додека 17-годишниот син на Ралф Шумахер, Давид, ќе седне во болид во Формула 3, на местото на повредениот Австралиец Алекс Перони. Перони, кој има 19 години, скрши пршлен на грбот за време на страшниот инцидент во трката во Италија и за него сезонава е завршена, а ништо чудно тој да продолжи со лекување и по сезоната.
Мик Шумахер е пилот од школата на Ферари, тој е во Формула 2, едно ниво зад Формула 1. Од шампионатот во Ф2 излегоа доста млади таленти во автомобилскиот спорт. Мик е веќе познат во тие кругови, а и за неговиот помлад братучед исто така се зборува дека има светла иднина.