Историски срам за Хјустон рокетс

Мајами хит го порази Хјустон рокетс со убедливи 129-100, но тоа е резултат со кој гостите може да бидат задоволни, со оглед на тоа како почнаа да се развиваат настаните на натпреварот. Првата четвртина ја добија „жешките“ со неверојатни 46-14!

Ваква разлика само за 12 минути игра не е видена во НБА-лигата уште од 1987 година. Овие 32 поени разлика по првиот квартал се трет најголем дебакл во историјата на НБА. Во 1972 година Балтимор булитс (денешен Вашингтон визардс) водеше против Канзас сити кингс (денешен Сакраменто) со 45-12, а во февруари 1987 година Лос Анџелес лејкерс на еден меч со Сакраменто кингс ја доби првата четвртина со 40-4, што е рекорд кој за малку ќе паднеше утрово.

Мајами продолжи да го растура гостинот и во првите минути од втората четвртина семафорот покажуваше и 41 поен предност за Хит во еден момент и дури тогаш Ракетите почнаа да играат и на полувреме заминаа „само“ со 25 поени негатива, но не се доближија повеќе од тоа. Мајами има скор 5-1, што е изедначување на нивниот клупски рекорд по шест одиграни натпревари.

- Оглас -

Најнови вести