Јувентус победува во последните три меча и тоа без Кристијано Роналдо и со овие резултати тренерот Маурицио Сари покажа дека без секого може да се игра и да се постигнат посакуваните резултати. Роналдо воопшто не беше во составот за дуелот против Аталанта, а во негово отсуство, Гонзало Игуаин даде два гола и еднаш погоди Пауло Дибала.
Сари пред неколку дена изјави дека Роналдо нема да игра во првенството за да може да биде подготвен за дуелот против Атлетико Мадрид во Лигата на шампионите. Сега искусниот 60-годишен стратег ја „сврте плочата“. Сари најави дека е можно Роналдо да не игра ниту утре во дуелот против Атлетико.
„Кристијано тренира, но не знам дали ќе биде подготвен да игра“, рече Сари и ја продолжи мистеријата.
Роналдо му беше лут на тренерот затоа што го извади од игра на дуелите против Милан и Локомотив Москва, но Јувентус токму без Португалецот на теренот стигна до победите.
Јувентус веќе е пласиран во нокаут-фазата од Лигата на шампионите, а Атлетико треба да го потврди второто место во оваа група.