Интер и Јувентус со по 54, а Лацио веднаш зад нив со 53 бода ја прават оваа сезона во Серија А една од најинтересните во историјата. Во последните 90 години само еднаш се случило, и тоа во 1997/98, три тима да бидат во тесна трка за Скудетото по 23 одиграни кола.
И тогаш, пред 22 сезони, овие три клуба се бореа за титулата, но тогаш трите тима не беа со разлика само од еден бод, што значи дека ова е најнеизвесната сезона во историјата.
Лацио има 12 победи и две нерешени во последните 14 кола и претставува неочекувано друштво во трката. Римјаните се во предност затоа што не играат еврокупови и максимално може да се фокусираат на првенството.
Интер има напорен февруари. По дербито со Милан, следниот викенд треба да му гостува на Лацио, а на 1 март треба да оди и во Торино кај Јуве. Имаат обврски и во Лигта на Европа и Купот на Италија, но приоритет им е Серија А.
Старата дама има осум титули по ред и ако сака деветта, не смее да си дозволи киксеви како овој викендов против Верона. Јувентус пред дуелот со Интер има меч и со Лион во ЛШ, а и Лацио треба да им гостува. Сепак, играњето на три фронта им е хендикеп. Се знае дека на прво место им е европската титула.