Каде е тука логиката? Јуве – Интер го одложија, а Јуве – Милан в среда ќе се игра СО ПУБЛИКА

Челниците на италијанскиот фудбал дефинитивно го загубија компасот кога се работи околу организирање на мечевите и борбата за стопирање на ширење на смртоносниот Коронавирус. Во изминатиов викенд беа одложени пет меча поради страв од ширење на опасниот вирус. Иако првично беше најавено тие дуели да се играат без публика, во саботата стигна одлука мечевите воопшто да не започнуваат.

Еден од одложените дуели беше и големото Дерби на Италија меѓу Јувентус и Интер, кое требаше да се игра во Торино. Фактот дека Торино е во близина на областите во кои е најпроширен Коронавирусот, беше доволен за натпреварот воопшто да не се одигра, а не како што беше првично, да се игра без публика.

Регионите Ломбардија, Венето и Емилија-Ромање се најзагрозени од Коронавирусот и најголема е претпазливоста во тие делови на Италија. Сепак, чудно е како мечот кој трбаше да се игра синоќа во Торино воопшто не се одигра, додека челниците на Фудбалската федерација на Италија најавуваат дека реванш-мечот од полуфиналето на Купот на Италија меѓу Јувентус и Милан, кој е закажан за в среда во Торино, ќе се игра, и тоа СО ПУБЛИКА. Ова го потврди и гувернерот на областа Пиемонт, Алберто Чирио, кој додаде дека нема да може сите навивачи да присуствуваат на овој меч.

„Граѓаните од областите Ломбардија, Венето и Емилија-Ромање нема да може да ги напуштат своите региони и нема да може да присуствуваат на мечот Јувентус – Милан“, објасни Чирио.

Ако првите луѓе на италијанскиот фудбал сакаат да се борат против ширење на Коронавирусот, тогаш нелогична е одлуката и фанови на Аталанта, која е во најзагрозениот регион, да смеат да отпатуваат на Југот на Италија и да бидат на стадионот на Лече.

Ситуацијата со Коронавирусот не се подобрува, а во Италија проблемите остануваат. Веќе речиси и да нема слободни термини кога би се одиграле одложените мечеви, а веќе во следното коло критични може да бидат дуелите меѓу Аталанта – Лацио, Болоња – Јувентус, Интер – Сасуоло и Верона – Наполи.

 

- Оглас -

Најнови вести