Ливерпул игра фантастична сезона за памтење. Сепак, ниту гигантот од „Енфилд роуд“ не е имун на паѓања и губење на победничкиот ритам. На последните три меча кои ги одигра, Ливерпул загуби двапати. Прво беше поразен на гостувањето кај Атлетико Мадрид со 1:0 во првиот меч од осминафиналето во Лигата на шампионите, а само 11 дена подоцна следуваше и првиот кикс во првенството, односно поразот со 3:0 на гостувањето кај Ватфорд.
Фудбалерите на тренерот Јирген Клоп денеска се пред нов предизвик на кој треба да покажат дека сепак не се во резултатска криза. Ќе гостуваат кај Челзи на „Стемфорд бриџ“ во меч од осминафиналето на ФА купот. Овие два тима немаат играно во најстарото клупско натпреварување во светот дури осум години. Последен пат во ФА купот се сретнаа во финалето 2012 година, кога Челзи победи со 2:1.
ЧЕЛЗИ ТЕШКО ГУБИ ВО ФА ДУЕЛИТЕ
Ако се гледа традицијата, лондонскиот тим треба да е фаворит затоа што Челзи победил на пет од последните седум ФА дуели против Ливерпул. Сепак, ако се гледаат резултатите од оваа сезона, гостите се фаворити. Ливерпул веќе двапати го победи Челзи, и тоа еднаш на „Стемфорд бриџ“ со 2:1 во првенството, а еднаш славеше на пенали откако во Супер купот на УЕФА, дуелот во Истанбул заврши 1:1 по 90 минути, а по дополнителните 30 минути беше 2:2.
Во овој век, Челзи вкупно шестпати го има освојувано ФА купот и е најуспешен клуб заедно со Арсенал. Сините имаат само еден пораз во последните 12 средби во ова натпреварување (8 победи и три ремија), а на домашен терен во последните 12 дуели се радувале вкупно 10 пати, а еднаш ремизирале и еднаш загубиле.
ЗИМСКАТА ПАУЗА ЛОШО ВЛИЈАЕШЕ НА ЛИВЕРПУЛ
Ако во изминативе неколку месеци Ливерпул лесно стигнуваше до победите и доминираше на теренот, во последните пет меча се случува нешто друго. Фаворитот тешко стигнува до ситуација за гол, а со тоа и до можност да победи. Статистиката покажува дека на последните пет меча, Ливерпул само минути бил во водство.
На дуелот против Шруссбери, на кој играа младинците на клубот, Ливерпул поведе со 1:0 во 75-тата минута благодарение на автоголот на Вилијамс, што се покажа и доволно за минимален триумф. Тоа значи дека Ливерпул на овој дуел само 15 минути имал водство.
На следниот меч, кога се вратија најголемите ѕвезди на теренот, Ливерпул уште потешко победи. На гостувањето кај последнопласираниот Норвич, Мане даде гол во 78-мата минута и гостите ја сочуваа предноста во последните 12 минути. Следуваше дуелот против Тотенхем, кога Ливерпул не даде ниеден гол што значи дека ниту една минута не бил во предност.
Против Вест хем, Ливерпул победи со 3:2, но и тогаш се намачи. Домаќините на „Енфилд роуд“ дадоа гол во деветтата минута, но гостите израмнија само три минути подоцна и ја анулираа. Потоа Вест хем поведе со 2:1, а Ливерпул со погодоците на Салах и Мане дури во 81-вата минута стигнаа до водство од 3:2, кое го сочуваа до крајот. Вкупно кога ќе се пресмета времето на кое Ливерпул водеше во последните пет меча, се доаѓа до бројката само од 39 минути, што е премалку за тим кој е актуелен европски шампион, иден англиски првак и претендент за освојување на титулата во ФА купот.