Пандев зад себе ги има оставено Марадона и Ван Бастен, ситно брои да стигне до јубилејот

Горан Пандев е херојот на Џенова. Тимот кој до пред 20-тина дена беше на дното на табелата во Серија А, сега е надвор од зоната за испаѓање, а тоа е најмногу благодарение на капитенот на македонската репрезентација. Пандев одлично ја отвори 2020 година, уште во првиот меч на 5 јануари даде гол во победата од 2:1 против Сасуоло.

Тој погодок на Пандев како да беше најава дека нашиот најдобар фудбалер ќе блеска во продолжување на Серија А. Џенова победи на три од последните четири меча, а Пандев даде два гола и тоа на дуелите на кои неговиот тим ги освојуваше трите бода.

Популарниот Гоче сезонава вкупно има седум гола во Серија А и е прв стрелец во Џенова. Тој е еден од најдолговечните активни играчи во Серија А. Во 2003 година се појави во италијанската елитна лига како играч на Анкона, кога и го даде првиот гол во Серија А.

Следната сезона Пандев направи трансфер во Лацио и пет сезони беше дел од тимот на „Олимпико“. Како играч на Лацио даде 48 лигашки погодоци, а потоа во следните две сезони со Интер испиша историја освојувајќи тројна круна. Пандев даде пет гола во Серија А како играч на Нераѕурите.

Од 2011 година до 2014 го носеше дресот на Наполи и постигна 19 погодоци во Серија А, а потоа направи кратка авантура во Галатасарај, па по една сезона сфати дека најдобро се чувствува во Италија и го облече дресот на Џенова. Сега ја игра петтата сезона во Џенова и има 19 гола во Серија А.

Ако се соберат сите погодоци кои Пандев ги има постигнато во Серија А, се доаѓа до бројката од 92 гола. Колку за споредба, легенди како Марко ван Бастен (90 гола), Диего Армандо Марадона (81) и други имаат постигнато помалку погодоци од Пандев. Точно е дека овие легенди играле и многу помалку време во италијанското првенство, но факт е дека Пандев има повеќе погодоци од нив во Серија А.

Уште осум погодоци му остануваат на струмичанецот за да влезе во групата на странски фудбалери кои дале 100 гола во италијанското првенство, нешто со кое низ историјата може да се пофалат само 19 странски играчи.

 

- Оглас -

Најнови вести