Без голови, но дури со осум црвени картони заврши бразилското дерби меѓу Гремио и Интернасионал во второто коло од групната фаза во Купот Либертадорес во Јужна Америка. Како по обичај, на дербито имаше феноменална атмосфера која ја создадоа околу 50.000 навивачи на трибините, а на теренот двата тима имаа шанси за гол, но мрежите мируваа.
Мрежите мируваа, но страстите не можеа да се смират, посебно пред крајот на мечот, кога во 89-тата минута се случи масовна тепачка. По еден старт покрај аут-линијата, играчите на двата тима, дури и оние кои беа на клупата за резерви, како договорени се стрчаа и започнаа да се тепаат.
Судијата, кој беше од Аргентина, мораше да ја смири ситуацијата покажувајќи вкупно осум црвени картони, по четири во двата тима.