Интер се согласи да му го продолжи договорот на голманот Самир Хандановиќ на уште една сезона. Според најавите, словенечкиот репрезентативен чувар ќе остане на „Џузепе Меаца“ до 2022 година, кога и ќе има 37 години.
Хандановиќ е некогашен голман на Удинезе кој во 2012 година направи трансфер во Милано. Со своите одбрани, тој се промовираше во незаменлив чувар на голот на Нераѕурите, а ја доби и честа да биде капитен на екипата. Сезонава бранеше на 22 меча во Серија А и успеа на седум средби воопшто да не прими гол. Неговата мрежа сезонава вкупно се тресеше 20 пати, што значи во просек прима помалку од еден гол на меч.
Интер сезонава беше во трка за титулата во Серија А, но поради пандемијата предизвикана од Коронавирусот, првенството е прекинато и не се знае дали ќе продолжи. Интер веќе 10 години чека да се израдува на титула во домашното првенство.