Себастијан Фетел влезе во последната година од договорот со Ферари и неговата иднина е прилично несигурна во италијанскиот тим. Иако двете страни изразија желба да ја продолжат соработката, Ферари му понуди едногодишен договор на германскиот возач, што не е по негов вкус.
Фактот што четирикратниот светски првак ја одбри понудата, ги натера Италијанците да бараат замена, а три имиња се во игра да седнат во болидот на Ферари. Тоа се Даниел Рикијардо, Карлос Саинс и Антонио Џиноваци.
Рикијардо е прва опција ако се земе предвид дека е поискусен од останатите двајца возачи, но и нему му истекува договорот со Рено. Џиноваци засега го нема потребниот квалитет да вози за тим со шампионски амбиции, додека Ферари ќе треба да состави убедлива понуда за да ги добие услугите на Саинс, кој има загарантирано место во Мекларен.
Што се однесува за Фетел, неговата авантура во Ферари може да заврши неуспешно ако се знае дека е член од 2015 година и досега не успеа да ја спречи доминацијата на Луис Хамилтон, иако имаше брз болид да ја напаѓа светската титула.