Што ја мачи Ла Лига? Дури 120 фудбалери не можат да играат во јули

Шпанската Ла Лига има голем проблем пред рестартот на шампионатот, кој е еден од најсилните на светот, а дури на 120 фудбалери во финишот на месецов им завршуваат договорите, или позајмиците, што ги става клубовите и раководството на Лигата на големи маки.

Најпогоден е Леганес, клуб што очекува вистински егзодус со 13 фудбалери кои нема да можат да играат во јули ако не се преземе нешто со договорите на фудбалерите. На еден од нив му истекува договорот на 30 јуни, а тоа е Полјакот Шимановски, додека уште 12 се пред враќање во клубовите бидејќи играат за претпоследниот тим во Ла Лига како позајмени играчи со право на настап до 30 јуни.

Зад нив е Еспањол со 11 фудбалери, кои се во слична позиција како колегите од Леганес.

Оставено е поединечно секој клуб да си ги решава проблемите, а ги има точно 120 на број. На 50 од нив им завршуваат регуларно договорите со последниот ден месецов, односно на 30. јуни, а на 70 фудбалери им истекуваат договорите за позајмица.

На удар е и Мајорка, чиј член е Александар Трајковски, со 10 фудбалери во ростерот чии договори истекуваат на 30 јуни.

Во најдобра ситуација се двата гиганти на шпанскиот фудбал, Реал Мадрид и Барселона. Кај Кралевите од Мадрид виси само голманот Алфонс Ареола бидејќи му завршува договорот за позајмица што Реал го склучи со Пари Сен Жермен, а Барселона не може да смета на Арда Туран, кој оддамна е отпишан и не е во плановите на Кике Сетјен.

Шпанците се подготвуваат за камбек на терените и Ла Лига треба да продолжи на 11 јуни, со мечот меѓу Севилја и Бетис. Ако не се најде решение, тогаш многу клубови ќе имаат проблем со фудбалерите на кои им завршуваат договорите и тие ќе можат да играат уште во следните пет кола, а ќе немаат право за настап во самата завршница, односно во последните шест рунди во првенството.

 

- Оглас -

Најнови вести