Резервата Тригерос во последен миг ја извлече Жолтата подморница на победнички пат

Ману Тригерос е јунакот на Вилјареал, кој успеа да ја извлече Жолтата подморница на победнички пат по три порази по ред, а голот што го постигна во 91. минута беше за триумф против Селта.

Играчот од средниот ред на Вилјареал влезе во игра во второто полувреме и беше клучниот човек за важен триумф во првиот меч за двете екипи по долгата пауза од над три месеци.

Вилјареал пристигна на „Балаидос“ со товар од три порази по ред, но ја заслужи победата и со играта и со подобрите шанси од противникот во текот на мечот.

Селта остана во опасната зона за испаѓање, а и ја прекина серијата од пет меча без пораз. Клубот од Виго сега е на 17. место со 26 бода, еден повеќе од загрозената Мајорка и по три од последнопласираните Леганес и Еспањол.

Вилјареал со 41 бод се вклучи во битката за позициите што водат во европските купови.

- Оглас -

Најнови вести