Кике Сетиен е разочаран по ремито на Барселона во Севилја, иако Каталонците имаа шанси за победа со што ќе ја одржеа дистанцата од два бода пред вечнито ривал Реал Мадрид.
Меси и соиграчите не успеаја да ја затресат мрежата на одличниот Томаш Вацлик и сега во битката за титулата веќе не зависи се од Барселона.
„Сигурен сум дека и Реал нема да победува се до крај. Не зависиме веќе сами од себе во битката за титулата, но мора да бидеме оптимисти“, вели тренерот на Барселона.
Ако Реал Мадрид утре успее со победа да го прегрми тешкото гостување на „Аноета“ кај Реал Сосиедад, кралскиот клуб по подолго време ќе биде лидер на табелата, со ист број бодови како вечниот ривал од Каталонија.
Проблем за Сетиен, Меси и останатите од таборот на Барселона е што во случај да бидат израмнети со Реал на крајот на сезоната титулата ќе патува за Мадрид.
Прв критериум за шампионската круна при израмнето бодовно салдо на две екипи се меѓусебните дуели, а Реал има победа од 2:0 на „Сантијаго Бернабеу“ и реми на „Камп Ноу“ без голови што го става во повластена позиција.
До крајот на шпанското првенство нема да гледаме „Ел Класико“, а Барселона со три бода предност има 8 меча до крај, за разлика од Реал кого го чекаат 9 натпревари до спуштање на завесата во Ла Лига.