Македонија одигра одличен последен контролен меч пред настапот на Европското првенство и со 4:0 го декласира Казахстан во Скопје.
Елиф Елмас беше моторот на нашата репрезентација во првото полувреме и неговите потези и дриблинзи ја забавуваа публиката на националната арена „Тодор Проески“.
Дијамантот имаше одлична соло-акција во 33. минута, а во следниот напад изнуди пенал што го реализира Алиоски за 1:0.
Потоа беше исклучен Мужиков во самиот финиш на првиот дел, па Македонија умешно ја искористи предноста од фудбалер повеќе и со уште три гола во вториот дел забележа убедлива победа.
По прекрасната акција во 57. минута Тихомир Костадинов му асистираше на Иван Тричковски за 2:0, а потоа на сцена стапија нашите фудбалски таленти, Милан Ристовски и Дарко Чурлинов.
И двајцата ги постигнаа своите деби голови за А селекцијата, Ристовски јуниор во 74. минута, Чурлинов две минути подоцна, за конечни 4:0 и за оптимизам пред настапот на ЕП.
Сега со нетрпение го чекаме првиот дуел на шампионатот, со Австрија на 13. јуни, за потоа во Букурешт да играме со Украина на 17. јуни и во Амстердам со Холандија на 21. јуни.