Македонската ракометна репрезентација во полн ек е на подготовки за првиот бараж-дуел против Романија за пласман на Светското првенство. Првиот дуел го играме в четврток, во „Борис Трајковски“, а два дена подоцна е реваншот во Букурешт.
Доколку ја победиме Романија во овој двомеч, последна пречка за пласман на Мундијалот ќе ни биде Чешка. Сепак, сите сега се фокусирани на Романија, а Филип Талески е оптимист.
„Ова се важни подготовки и сега размислуваме само за дуелот против Романија. За разлика од ЕП, сега на теренот се враќаат Кире Лазаров, Столе Стоилов и Никола Маркоски. Максимално сме подготвени, имаме квалитет и тоа треба да го покажеме на терен. Романија ни е познат противник и нам ни останува добро да ја анализираме нивната игра и да бидеме максимално подготвени за да стигнеме до нашата цел, а тоа е пласман на СП“, рече Талески.