Милевски: Македонија има јасна цел, да биде на прво место во групата!

Македонската фудбалска репрезентација, со гостувања кај Бугарија на 2 јуни во Разград и на 5 јуни во Гибралтар, го почнува новиот циклус во сегментот Ц од Лигата на нации. После тоа следуваат домашни натпревари против Грузија и Гибралтар на Националната арена „Тодор Проески” во Скопје.

Селекторот Благоја Милевски ги почитува ривалите, и за Гибралтар не мисли дека е тотален аутсајдер, но нема криење, најавува дека Македонија оди по првото место во групата.

„Јасна цел е да бидеме први во нашата група. По постигнатите резултати во последно време, фудбалерите треба да продолжат со успеси. Не треба да живееме од минатото туку на секој нареден меч фудбалерите да покажуват дека со право навивачите очекуваат добри резултати и нови радости“ – изјави Милевски на денешната прес-конференција, по повод стартот на подготовките за Лигата на нации.

„Секој меч е подеднакво важен затоа што сите натпревари носат по три бода за победа. Пред нас се квалитетни противници, дури не би го ставил ни Гибралтар како аутсајдер затоа што и тие се во Лига Ц, што е показател дека имаат квалитет“ – најави Милевски.

Репрезентацијата со тренинзи почнува попладнево од 18 часот.

- Оглас -

Најнови вести