Сањол вели дека е привилегиран што е селектор на Грузија: Да внимаваме против Македонија, да не го загубиме победничкиот ритам

Поранешниот стандарден десен бек на Баерн Минхен и на француската репрезентација, Вили Сањол, вели дека е привилегиран што е селектор на Грузија и ја пофали актуелната генерација која игра одлично и е во победнички тренд со 7 натпревари без пораз.

Во таа низа ја победија и Шведска, Босна и Херцеговина, Косово, а вчера ја декласираа и Бугарија со 5:2 во Разград.

„Јас сум привилегиран што сум селектор на оваа репрезентација на Грузија. Момците си ја сакаат својата земја и даваат се од себе за да победат на секој меч. Серијата од 7 меча без пораз е убава, но мора да внимаваме за да го задржиме ритамот. Македонија покажа дека има квалитетна репрезентација, не е лесно да се победи Италија, претходно играа и на Европско првенство што е потврда за несомнен квалитет. Следниот меч ќе биде тежок и неизвесен и за двете репрезентации“, изјави Сањол, по победата против Бугарија, која беше декласирана од Грузијците.

Познатиот француски ас, кој играше за гигантите Сент Етјен, Монако и Баерн Минхен и имаше впечатлива кариера како фудбалер, дојде на кормилото на грузиската репрезентација само два меча по поразот од Македонија на 12. ноември 2020 година во Тбилиси со 0:1, кога славевме со голот на Горан Пандев и се пласиравме на ЕП за првпат во нашата фудбалска историја.

Дербито во четвртата група од Ц сегментот во новото издание на Лигата на Нации на непоразените селекции Македонија и Грузија ќе се игра за три дена во Скопје од 20.45 часот.

Грузија по две кола има максимален учинок и шест бода како лидер на табелата, а Македонија е втора со четири бода.

Бугарија со еден бод и Гибралтар без бодови веќе по две рунди се апсолутни аутсајдери во нашата група.

 

- Оглас -

Најнови вести