Грузија доаѓа во Скопје на мегдан на Македонија во одлично расположение по убедливиот триумф против Бугарија во Разград со 5:2.
Дербито на третото коло во нашата група од Сегментот Ц во Лигата на нациите ќе се игра во Скопје задутре на 9 јуни од 20.45 часот, а Грузијците брзо го заборавија македонскиот нокаут во Тбилиси на 12 ноември во 2020 година, кога ги победивме со 1:0 во финалето на Сегментот Д во Лигата на нациите и обезбедивме историски настап на Европско првенство.
„Сакаме реванш, но не се закануваме. Знаеме дека Македонија е квалитетна репрезентација. Сепак, ние сме во добра форма, победата против Бугарија со 5:2 ни ја крена самодовербата и сакаме нов триумф во Лигата на нациите“, изјави Зурико Давиташвили.
Тој беше стрелец на првиот гол во Разград како најава на блескавиот триумф против Бугарија со 5:2, а ќе биде голем адут на Грузијците и задутре на Националната арена „Тодор Проески“.
Со Вили Сањол како селектор играат добро, но Македонија е фаворит за победа според коефициентите во сите светски обложувалници.
Sport Life нуди квота од 2.30 за единица во Скопје, победата на Грузија се цени со коефициент од 3.30, а за реми понудата е 3.20.