Тотенхем останува на „Вембли“ најмалку до март

Првиот човек на лондонски Тотенхем, Даниел Леви, потврди дека неговиот стадион нема да биде завршен и подготвен за домаќинство на официјални натпревари најмалку до март. Тотенхем планираше на новиот „Вајт харт лејн“ да почне да игра во септември, но проектот постојано претрпува преправки и одложувања поради градежни работи.

„Сакам да им се извинам на навивачите и да им се заблагодарам за трпението“, рече Леви.

На новиот стадион, кој е на местото на стариот стадион на Тотенхем, ќе може да се играат и натпревари од НФЛ-лигата во американски фудбал, а ќе има капацитет од 62.062 седишта.

Сезонава тимот своите мечеви како домаќин ги игра на националниот стадион „Вембли“. Наредните дуели од Премиер лигата против Манчестер јунајтед, Ватфорд, Њукасл и Лестер, како и оној од осминафиналето во ЛШ против Борусија Дортмунд и евентуалниот од петтото коло на ФА купот, сигурно ќе се играат на славниот „Вембли“.

Најрано, сефте на новиот „Вајт харт лејн“ може да биде на втори март, против лутиот ривал од северниот дел на Лондон, Арсенал. Но, полицијата и обезбедувачите ќе советуваат првиот меч на новиот стадион да не биде такво дерби од висок ризик, па пореално е играњето во новиот дом да почне на 16-ти март против Кристал палас.

- Оглас -

Најнови вести