Македонија не издржа и загуби од Исланд

Македонската ракометна репрезентација не успеа да се пласира во следната фаза од Светското првенство. Во последниот, решавачки меч, Македонија загуби од Исланд со 24:22, во меч кој требаше да го добиеме. Со две победи и три порази, нашите најдобри ракометари завршија на четвртото место во својата група и ќе се борат за пласман од 13 до 16 место на Мундијалот.

Капитенот Кирил Лазаров и Дејан Манасков со по пет гола беа најефикасни. Талески погоди четири пати,  а Жарко Пешевски даде три гола. Филип Лазаров беше стрелец на два погодоци, а по еднаш во листата на стрелци се запишаа и Георгиевски, Поповски и Кузмановски.

Исланд прв даде гол и поведе со 1:0, но потоа следуваше серија на Македонија за предност од 4:1 во 7 минута. Нашите ракометари во нападот играа „7 на 6“, а тоа им даде шанса на противниците да погодуваат на празна мрежа. На таков начин прецизни беа три пати по ред за 4:4.

Македонија повторно даде два гола за 6:4, но Исландѓаните не се збунија и за брзо време, повторно израмнија на 6:6 во 15 минута. Во продолжение се играше гол за гол на двете страни, па во 24 минута беше 9:9. Потоа следи нова мини серија на Македонија за водство од 11:9, а потоа и 12:10 во 28 минута. Освен во првата минута, кога Исланд поведе со 1:0, во остатокот на првото полувреме, Македонија или беше во водство, или резултатот беше израмнет.

Во второто полувреме двете екипи дадоа по три во првите пет минути, но потоа, во 40 минута Исланд успеа да израмни на 16:16, па Раул побара тајм-аут за Македонија. И по минутата одмор, Македонија играше без идеја во нападот. Речиси 10 минути немавме дадено гол, па Исланд поведе со 18:16.

Малерот го скрши Талески со гол од 9 метри за 17:18 во 45 минута и најави дека нема предавање до крај. Во 53 минута Македонија израмни на 20:20, па потоа и на 21:21. Исланд даде гол за водство, а откако во следниот напад судиите не досудија фаул над Лазаров, Исланд доби пенал на спротивната страна. Ристовски одбрани, но одниената топка се одби кај Исланѓаните за водство од 23:21 и потоа се беше јасно.

- Оглас -

Најнови вести