Фудбалската репрезентација на Македонија за играчи до 21 година, предводена од селекторот Драган Канатлароски, веќе се наоѓа во Анталија и во полн состав се подготвува за претстојните пријателски натпревари против Летонија, Финска и Словачка.
Овие натпревари ќе бидат искористени како проверка пред почетокот на новиот квалификациски циклус за Европското првенство во 2025 година.
Фудбалерот на Брегалница и стандарден член на У-21 репрезентацијата на Македонија, Иван Николов, со свое видеување за овие натпревари.
„Одеме чекор по чекор, нè очекува уште многу работа до почетокот на квалификациите, моментно е најбитно овој подготвителен период во Анталија да го искористиме на најдобар можен начин, да ја унапредиме нашата игра за да можеме максимално подготвени да го дочекаме почетокот на квалификациите. Првиот меч во Анталија го играме против Летонија, селекција со високи и снажни фудбалери која игра доста тврд фудбал. Ние сме поквалитетна селекција од нив, но тоа ќе мора да го покажеме на терен. Се надевам дека ќе продолжиме со одличната игра и позитивната серија на резултати“, изјави Николов.
Првиот натпревар во турскиот туристички центар Анталија го играме на 23 март против Летонија. Два дена подоцна ќе спарингуваме против Финска, додека последниот натпревар на програмата е на 27 против Словачка.