Ракометарите на Вардар славеа на првото големо дерби против Еурофарм Пелистер со 31:24, но натпреварот помина во сенка на навивачката војна меѓу Комитите на Чкембарите.
Со пристигнување на гостинските навивачи во СЦ Јане Сандански, кон средина на првото полувреме, тие веднаш почнаа да фрлаат факели, што предизвика реакција на Комитите кои влеаа на теренот со желба да дојдат до трибината во која се сместени Чкембарите. Десетина минути на теренот летаа факели, шишиња, петарди, а имаше и топовски удари и сцените наликуваа на вистинска војна.
Ракометарите на двете екипи и судиите се повлекоа на теренот, а ситуацијата се обидуваа да ја смират капитените Стојанче Стоилов од едната и Мирко Радовиќ од другата страна.
Откако по 20-ти минути се смири ситуацијата, ракометарите го продолжија натпреварот, и Црвено-црните во последните три минути од првиот дел со серија од 3:0 дојдоа до предност од 13:10 со која заминаа на одмор.
Стартот на вториот дел беше фуриозен за Црвено-црните, прво постигнаа два брзи гола, а по само три минути игра поведоа со 17:11.
Стекната предност, вардарци рутински ја одржуваа, во 50-та минута водеа со 27:21, и во последните десет минути не дозволија изненадување и на крајот славеа со високи 31:24 кои ќе „ги бранат“ во Битола, во мечот кој би требало да го одлучи шампионот.
Најпрецизен на натпреварот беше Дејан Манасков со седум постигнати голови, Филип Талески даде шест, а Бразилецот Дутра пет. Во редовите на Е. Пелистер, Жарко Пешевски беше најпрецизен со пет гола.