Футсал репрезентацијата на Македонија го освои првото место на претквалификацискиот турнир кој се играше во салата „Јане Сандански“. Во мечот кој решаваше за првото место, Македонија вечерва ја победи Албанија со 3:2, во меч кој имаше многу пресврти, возбудувања, но и тензии.
Македонија поведе со голот на Зибери по само 14 секунди игра, но до крајот на првото полувреме, Албанија направи пресврт. Реџепај во 5:08 минута и Каца во 12:09 погодија за водство на гостите од 2:1 на полувреме. Пред крајот на првиот дел, црвен картон кај Македонија заработи Сефери.
Во второто полувреме Македонија покажа карактер и направи пресврт за радост на крајот. Зибери погоди за 2:2 во 23:33 минута, а радоста на нашата селекција ја донесе Исмаили со погодок во 24:38 минута. Во продолжение на средбата, Албанија имаше неколку шанси да израмни, но голманот Петровски бранеше одлично и не дозволи радост на гостите.
Со оваа победа, Македонија со максимални девет бодови го освои првото место во групата, додека Албанија е втора со 6 бодови. Грција, која денеска го победи Сан Марино стигна до три бода, а токму Сан Марино е последнопласиран без ниту еден бод.
Македонија сега ќе игра во квалификациите во Украина, а освен домашната селекција, ривали ќе бидат и Словенија и Косово.