Новак Ѓоковиќ се намачи, но на крајот успеа да го победи Ласло Ѓере во меч кој траеше пет сета и речиси четири часа. Рекордерот по бројот на гренд слем титули беше изненаден од сонародниот, па Ѓере ги доби првите два сета.
Сепак, Ѓоковиќ успеа да се врати, во третиот и четвртиот сет беше убедлив со по 6:1, а во решавачкиот петти сет беше подобар со 6:3 и си обезбеди место во четвртото коло.
„Како да одиграв два различни меча, во еден дуел. Никогаш го немам видено Ласло да игра на ова ниво. Одлично го удираше топчето, тактички беше добро подготвен. Јас морав да играм на повисоко ниво во првите два сета. По мечот му реков дека треба само вака да продолжи и дека така само ќе напредува на АТП листата. Заслужува да биде подоброрангиран“, рече Ѓоковиќ по победата.
Иако има 36 години, Ѓоковиќ покажа дека одлично е подготвен и дека дури и кога се играат пет сета, тој и физички и психички е на највисоко ниво.
„Пораката која им ја испраќам на моите противници е тоа дека уште можам да играм во пет сета, дека можам да се вратам и од 0:2 во сетови. Така им испраќам силна порака на моите ривали. Искорено не сакав да биде вака и да се најдам во оваа ситуација, па се надевам дека на следниот меч нема да мора да играм пет сета“, заврши Ѓоковиќ по победата во дуелот со својот сонародник.