Филип Талески е претпоследниот играч кој ѝ се приклучи на македонската ракометна репрезентација на подготовките во Стара Пазова. Ракометарот од кого се очекува да биде предводник на теренот, знае дека дека Македонија ја очекува голем предизвик на континенталниот собир.
„Пред нас е уште едно големо натпреварување, а тоа е ЕП во Германија. Сите знаеме дека Германија живее за ракометот, го сака спортот и многу вложува во него. За нас ќе биде една голема можност да се покажеме и да се докажеме како репрезнтација. Среќен сум што повторно сум со момците од репрезентацијата. Искрено, среќни сме и сплотени тука. Ме пречекаа многу убаво, се чувствувам како дома, што се вели. Мислам дека со оваа атмосфера што ја имаме тука, со сите новитети што селекторот ги спрема за нас, имаме големи шанси да се покажеме во најдобро светло“ вели Талески во првите впечатоци од Стара Пазова.
Бекот вели дека Македонија добила „пеколна“ група.
„Имаме најтешка група што можеше да ни се падне. За нас е предизвик зошто на ова ЕП ќе се испишува историја, ќе имаме можност да го отвориме ова ЕП со селекцијата на Франција на стадионот во Дизелдорф. Франција како репрезентција ќе биде голем мотив да се докажуваме против најдобрите. Не треба да имаме голем притисок, треба да уживаме дека ќе се игра пред 55.000 гледачи. Веројатно никогаш во својата кариера нема да играме во таква атмосфера и затоа треба да биде голем предизвик за нас, но и за нашите навивачи кои ќе дојдат од Македонија да не бодрат. Со такви мисли треба да влеземе на тој меч и се надевам дека може да дојдеме до добар резултат, а можеме и до победа. Сепак, треба да се оди чекор по чекор. Потоа играме со домаќинот Германија,сме покажале во минатото дека можеме да играме со една Германија. За нас ќе биде шанса да се докажеме дека сме квалитетни. Потоа играме со Швајцарија, тоа е нашата најголема шанса за победа. Сме играле со нив во повеќе наврати и мислам дека можеме да победиме“, заврши Талески.