Кејн го однесе Баерн во четвртфиналето и му ја спаси работата на Тухел, Мбапе и ПСЖ беа подобри од Реал Сосиедад (Видео)

Фудбалерите на Баерн Минхен обезбедија пласман во четвртфиналето во Лигата на шампионите откако вечерва на убедлив начин ја анулираа негативата од првиот осминафинален дуел против Лацио (0:1).

Баварците се сосема поинаков тим кога играат на својата „Алијанц Арена“ и со 3:0 го совладаа Лацио и се пласираа меѓу осумте најдобри во ЛШ, а со тоа и тренерот Томас Тухел си ја спаси работата.

Германецот пред неколку дена доби ултиматум од управата дека мора да го елиминира Лацио во ЛШ доколку сака да остане на клупата до крајот на сезоната.

Човек на одлука на Баерн Минхен беше Хари Кејн, кој постигна два гола.

Баварците во 38-мата минута успеаја да го пробијат бункерот на Лацијалите токму со голот на Кејн, а до крајот на првото полувреме постигнаа уште еден гол.

Голот со кој Баерн го презеде „водството“ во двомечот со Лацио го постигна Томас Милер.

Во второто полувреме сите дилеми околу патникот во четвртфиналето ги реши Кејн со својот втор гол во 66-тата минута.

ПСЖ славеше и на реваншот во Сан Себастијан, овојпат со 2:1 против Реал Сосиедад и со вкупни 4:1 се пласира меѓу осумте најдобри.

Херој на Светците беше играчот кој најави дека на крајот од сезоната ќе ја напушти екипата, Килијан Мбапе.

Мбапе ги постигна двата гола за ПСЖ, првиот го даде во 15-тата минута, додека на 2:0 зголеми во 56-тата минута.

 

Во последните моменти од мечот, Реал Сосиедад успеа да постигне гол, прв во двомечот, и тоа преку Мерино.

- Оглас -

Најнови вести