Одбојкарската репрезентација на Македонија со пораз од Шпанија го заврши настапот во Европската златна лига. Нашите одбојкари одлично го започнаа мечот и го добија првиот сет со 25-17, но во продолжение следуваше комплетна доминација на „црвената фурија“ која ги доби наредните три сета за победа од 3-1.
Она што е интересно, сите три сета кои ги доби Шпанија завршија со идентични 25-22. Со овој меч за нас заврши Европската златна лига со ефект од една победа, против Азербејџан, и пет порази, од кои два се со минимални 3-2, што значи дека настапот го завршуваме со пет поени, но се уште не е познат конечниот пласман.
Нашите одбојкари сега одат на заслужен одмор, а на паркетот ќе се вратат на почетокот на август кога ќе започнат квалификациите за настапот на Европското првенство во 2026-тата. Во втората половина на август ќе одиграме по еден меч против Грција и Грузија, а реваншите ќе бидат следната година.