Едуард Јорданеску веќе не е селектор на Романија. Тој реши да ја напушти функцијата иако успеа да ја пласира селекцијата во осминафиналето на ЕВРО 2024, објави Романската фудбалска федерација.
„Мисијата ми е исполнета“, напиша Еди Јорданеску на својот профил на „Фејсбук“.
Четириесет и шестгодишниот стратег, чиј договор истекува на крајот на јули, решил да направи пауза во кариерата и во наредниот период да му се посвети на семејството.
Едуард Јорданеску беше на кормилото на Романија од почетокот на 2022 година и успеа да ја одведе на прв голем турнир по осум години, при што тимот не загуби ниту еден натпревар во квалификациите.
Романија на ЕП беше елиминирана од Холандија во осминафиналето. Едуард е син на поранешниот романски селектор Ангел Јорданеску, кој ја предводеше репрезентацијата на својата земја до четвртфиналето на Светското првенство во САД во 1994 година.