Историја! Македонија со осум од осум до прв трофеј од младинските првенства

Кошаркарската репрезентација на Македонија за играчи до 18 години оствари историски успех со освојувањето на Европското првенство – „Б“ дивизија, кое изминатите десеттина дена се одржуваше во Скопје. Нашите млади кошаркари со осум победи на осум натпревари сосема заслужено дојдоа до трофејот, откако во финалето ја совладаа Австрија со убедливи 98-88.

За младинските селекции на Македонија ова беше четврто финале во натпреварувањата од „Б“ дивизијата и прв трофеј. Селекцијата до 20 години играше финале минатата година во Скопје, но и во 2006-тата во Лисабон и двапати загуби. Кошаркарите до 16 години играа финале во 2004-тата во Брајтон, а репрезентацијата до 18 години во своето прво финале дојде до првиот трофеј.

Македонија одигра одлично првенство и сите натпревари ги доби со убедлива разлика, а јаготката на шлагот беше фантастичната игра во финалето. Тргнавме со 32-29 во првата четвртина, откако Австрија го имаше само почетното водство од 3-0 и тоа беше се од нив на овој натпревар. Втората четвртина ја доби Македонија со 25-15 за убедливи 57-44 на полувремето. Најтесно беше во третиот период, кој го доби Македонија со 21-20 за зголемено водство на +14. Во последната четвртина дојдовме до најубедливите +19, а како предвреме да започнавме да славиме, па дојде до мало опуштање се до конечните 98-88 за Македонија.

Најефикасен на натпреварот беше репрезентативецот на Македонија, Никола Јаничиќ, со 30 поени. Македонија веќе од претходно го имаше изборено пласманот на Европското првенство – „А“ дивизија следната година, со оглед на тоа дека во најквалитетната конкуренција патуваат најдобрите три селекции од шампионатот во Скопје.

 

- Оглас -

Најнови вести