Одбојкарската репрезентација на Македонија со убедлива победа го започна настапот на 48-мото издание на Меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски-Чајка“, кој оваа година се одржуува во спортската сала „Парк“ во Струмица. Турнирот се одржува во рамките на подготовките на одбојкарската репрезентација на Македонија за квалификациите за Европското првенство, кои стартуваат за десеттина дена.
Вечерва Македонија со убедливи 3-0 го совлада Косово по сетови 25-12, 25-7 и 25-19. Капитенот Николо Ѓорѓиев со 12 поени беше најдобар поединец во нашата селекција, Љафтов имаше девет поени, Ѓорѓи Ѓорѓиев седум, по пет поени реализираа Владо Милев и Филип Савовски, а четири имаше Стојан Илиев.
Избраниците на селекторот Хари Наковски утре се слободни на турнирот во Струмица, а генералката пред стартот на квалификациите ќе биде против Израел во сабота. Утре на турнирот „Чајка“ ќе играат селекциите на Косово и Израел.