Славниот португалски тренер, Жозе Мурињо, во својата кариера ги предводеше Бенфика, Леирија, Порто, Челзи, Интер, Реал Мадрид, Манчестер јунајтед, Тотенхем, Рома, а во моментов е на клупата на Фенербахче. Освои се што можеше да се освои во светот на фудбалот, но многупати има кажано дека одбил да биде селектор на Португалија и Англија.
Токму тоа беше темата на разговорот во емисијата на Рио Фердинанд, а Мурињо откри дека тоа го сторил на наговор од неговата сопруга.
„Одбив одлични прилики за работа. Првата дури беше и многу тешко да се одбие, бидејќи се работеше за мојата Португалија. Англија ја одбив во сезоната 2007/08 кога работата ја доби Капело. Имав понуда на маса. Не потпишав, бидејќи работата во репрезентацијата не е нешто во што би уживал. Сопругата ми рече да не прифаќам и беше во право. Лампард, Тери, Џо Кол и сите други ми велеа да прифатам, дури и англиските играчи од другите екипи. Имаше многу позитивни работи, но не можам да чекам две години за големо натпреварување. Не можам две години да поминам играјќи против Казахстан и Сан Марино.“ – вели Мурињо.