Англискиот премиерлигаш Манчестер јунајтед продолжува со плановите за засилување на тимот под водство на новиот менаџер Рубен Аморим, а според информациите, двајца играчи се на врвот на неговата листа на желби, Алфонсо Дејвис и Милош Керкез.
Алфонсо Дејвис, левиот бек на Баерн Минхен, е познат по својата брзина и офанзивни способности, додека Милош Керкез, младиот унгарски репрезентативец кој моментно игра за Борнмут, се истакнува како голем талент. Овие двајца играчи би можеле да донесат свежина и енергија на левата страна во одбраната на Јунајтед.
Дополнително, Педро Поро, десниот бек на Тотенхем, кој претходно имаше успешна соработка со Аморим во Спортинг Лисабон, исто така се поврзува со потенцијален трансфер на „Олд Трафорд“.
Според англиските медиуми, Манчестер јунајтед остварил контакт со Едуардо Камавинга, играч од средниот ред на Реал Мадрид. Камавинга, кој е еден од најперспективните млади играчи во светот, наводно е заинтересиран за понудата од Манчестер јунајтед, каде би имал повеќе минути за игра отколку во Реал.
Сепак, Реал Мадрид верува дека може да го убеди Камавинга да остане долгогодишен дел од нивниот проект, особено со оглед на неговата важност за тимот.
Управата на Манчестер Јунајтед е подготвена да обезбеди значителни финансиски средства за засилувања, како во јануари, така и во летниот преоден рок. Ова ветување ги радува навивачите, особено по летото 2024 година, кога Јунајтед потроши околу 200 милиони фунти за играчи како Џошуа Зиркзе, Матајс де Лихт, Нусер Мазрауи, Лени Јоро и Мануел Угарте.
Со овој амбициозен пристап, Манчестер јунајтед ќе се обиде да го врати својот статус на еден од најдобрите клубови во Европа.