Еден од најголемите великани во историјата на фудбалот, Диего Марадона, го напушти овој свет на крајот на 2020 година, а четири години подоцна неговото име продолжува да ги возбудува фудбалските фанови и… колекционерите.
Специјална аукција на уникатни предмети ќе се одржи во Париз и од 15 декември една од работите на кои може да се наддава е парче од косата на легендарниот Аргентинец.
Се очекува прамен од косата со должина од 4 сантиметри, да се продаде за не помалку од 35.000 евра, а за најмногу 50 илјади.
Италијанецот Стефано Чечи, кој му бил пријател и агент на Аргентинецот, му ја скратил косата на Марадона во мај 2018 година во Дубаи и си зел дел од косата, а моментално е во конфликт со децата на поранешниот фудбалер, кои го обвинуваат за незаконско користење на неговиот имиџ.
На аукција е ставен и дресот на Бразилецот Роналдо од финалето на Светското првенство во 1998 година, а неговата проценета вредност е меѓу 40.000 и 80.000 евра.
Меѓу предметите за понуда се светскиот шампионски појас на Евандер Холифилд од 1996 година и рекетот на Роџер Федерер од 2005 година.