Лидерот на премиерлигашката табела, Ливерпул, одигра само 2-2 дома против Фулам, но за пофалба е тоа што тимот на менаџерот Арне Слот даде два гола со играч помалку, и избегна пораз, а можеа и да победат.
Ливерпул уште од 17-та минута беше со човек помалку на терен, по исклучувањето на бекот Енди Робертсон. Мохамед Салах дојде до бројка од 100 асистенции за Ливерпул во сите натпреварувања, од кои 13 му се оваа сезона.
Ливерпул остана прв на табелата, со пет бода предност пред вториот Челзи.
Голем кикс имаше Арсенал кој на свој терен одигра само 0-0 против Евертон. Топчиите доминираа со голем посед на топка и многу шутеви кон голот на противникот, но не го урнаа одбранбениот бедем на Карамелите.
Њукасл со 4-0 го прегази Лестер што е прв пораз за Руд Ван Нистелрој како менаџер на Лисиците, а со гол во финишот, големи три бода освои Ипсвич на гости против Вулверхемптон во дуел на два тима кои се борат за опстанок.