Артета разочаран: „Ни недостасуваше искрата во нападот“

Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, беше видно разочаран по ремито 0-0 против Нотингам форест. Тој смета дека неговиот тим бил доминантен, но му недостасувала завршната прецизност за да стигне до противничкиот гол.

„Доминиравме во натпреварот и се обидовме на сите можни начини да стигнеме до победата. Напаѓавме до самиот крај, но ни недостасуваше искрата во нападот. Го немавме тоа последно додавање што ќе го пробие добро организираниот противник. Требаше да упатиме повеќе удари кон голот. Овојпат стандардот на нашата игра беше многу поразличен од поразот против Вест хем. Се браневме со енергија и желба, покажавме борбеност, така што тоа не беше проблемот. Се боревме до крај, но не успеавме да ја оствариме целта“, изјави Артета.

Тој го прокоментира и недостатокот на класичен централен напаѓач во тимот.

„Ќе го повторам тоа што го кажав и претходно. Гледаме напред и работиме со тоа што го имаме“.

Ова реми дополнително ги намали шансите на Арсенал во трката за титулата, која сега изгледа како да е решена во корист на Ливерпул.

„Ситуацијата е иста како пред една недела или пред три месеца. Единствено што можеме да направиме е да ги добиеме нашите натпревари и да видиме колку поени ќе освоиме. Ова реми не е пријатно. Сакавме да победиме“, заклучи шпанскиот стратег.

- Оглас -

Најнови вести