Многу комбинации во игра пред суперинтересното коло во Серија А

Драматичната трка во Италија околу двете слободни места кои водат во Лигата на шампионите својот зенит ќе го достигне претстојниот викенд, кога теоретски може да се случи дури четири тима да имаат еднаков број бодови, а само за два ќе има место во европската елита.

Јувентус и Наполи одамна обезбедија места во ЛШ, но кои ќе бидат другите два италијански претставници? Засега Аталанта и Интер се во најдобра позиција со по 66 бода, во врат им дише Милан со 65, а Рома има 63.

Ако има тимови со еднаков број бодови, решаваат меѓусебните дуели, па гол-разликата во дуелите, вкупната гол-разлика, поголем број постигнати голови, па на крај е ждрепка ако во сите елементи се изедначени.

Аталанта во последното коло треба да игра дома со Сасуоло и сама си ја решава судбината. Победа на домашните ги води во ЛШ, а со реми или пораз ризикува да биде престигната од двата милански клуба.

Интер го пречекува Емполи и овој меч ќе биде најинтересн затоа што гостите врзаа три победи по ред и грчевито се борат за опстанок. Со победа, Интер оди во ЛШ, а со нерешено, изгледа ќе треба да се задоволи со Лигата на Европа. Но, нерешено не му врши работа на Емполи ако Џенова ја победи Фиорентина.

Милан има два начина да влезе во ЛШ. Првиот е да победи на гости кај СПАЛ, а барем еден од Интер или Аталанта да киксира. Дури и со нерешено кај СПАЛ, Милан може да биде трети или четврти, но ќе треба и Аталанта да загуби, а Интер да освои барем бод.

И шестопласираната Рома има теоретска шанса. На римјаните им треба победа и порази на Интер и Аталанта. Во тој круг од три тима, Рома е најдобра, а Интер најслаб. На Рома не ѝ одговара Милан да одигра нерешено.

Доколку во круг од три тима се најдат Аталанта, Интер и Милан, најслаб е Милан, а Рома би била најлоша во круг во кој би се нашле Интер, Милан и Рома. Ако сите четири тима завршат со 66 бода, во ЛШ одат Интер и Милан.

- Оглас -

Најнови вести