Адеми е повреден, дефинитивно нема да игра на реваншот со Севилја!

Македонскиот репрезентативен плејмејкер Аријан Адеми нема да игра в четврток, на реванш-дуелот од Лигата на Европа помеѓу Динамо Загреб и Севилја. Малерозниот Адеми се повреди викендов за време на градското дерби против Локомотива во меч од хрватската лига, и тоа само по осум минути откако влезе во игра.

Од Динамо потврдија дека контузијата во пределот на квадрицепсот не му дозволува на Адеми да игра задутре, а до крајот на неделава ќе се прават сите детални прегледи по кои ќе се знае колку време ќе треба да отсуствува Адеми.

До баражот за Светско првенство има уште малку повеќе од еден месец, па и во македонскиот национален тим се надеваат дека повредата на Адеми не е толку сериозна за тој да не може да игра во Палермо на 24 март против Италија. Најавите од Хрватска се дека Адеми можеби ќе паузира само една недела и тоа е добро за нас, но болно за капитенот на Динамо што нема да може да помогне против Севилја.

- Оглас -

Најнови вести