Кошаркарите на МЗТ Скопје по 13-ти пат се шампиони на Македонија, откако со „метла“ и максимални 3-0 ја добија финалната серија против дебитантот Маџари.
Екипата од скопски Аеродром го доби третиот меч со 74-80 на гостински терен и ја продолжи доминацијата во македонската кошарка.
МЗТ Скопје ја слави 13-тата титула во историјата, односно седма во серија од 2019 година до денес, со исклучок на пандемиската 2020 година, кога шампион не беше прогласен.
Доминацијата која започна 2012 година беше прекината само во 2018 година, кога трофејот му припадна на Работнички. Токму екипата од „Градски парк“ има најмногу титули, вкупно 15, но овој трофеј за МЗТ Скопје е вкупно 35-ти во клупските витрини во сите натпреварувања, а тоа ги прави најтрофеен македонски кошаркарски клуб.
На последниот меч против Маџари, најефикасен во победничкиот состав беше Војдан Стојановски со 17 поени, а еден помалку уфрли Танасковиќ.

